Skip to main content
Македонија

Хаџи Василева порача дека обвинителите мора да бидат заштитени од надворешни влијанија

03/11/2026  20:12

Соработката меѓу институциите е неопходна, но таа не смее да прерасне во мешање во конкретни обвинителски предмети, порача новата шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева. Таа го изнесе овој став одговарајќи на прашањето како би реагирала доколку ѝ се јави висок државен функционер, вклучително и премиерот.

„Не е ништо спорно државните институции да соработуваат. Но, ако станува збор за интервенции или ургенции, тоа е веќе друго прашање. Ние, според Уставот, сме самостојни и одлучуваме врз основа на право, факти и докази“, нагласи Хаџи Василева.

Според неа, притисоците се реалност во обвинителската професија, а личниот интегритет и професионалноста се клучни за справување со нив. Таа очекува обвинителите да постават јасни граници и да не дозволат политички или други надворешни влијанија да ги диктираат нивните одлуки.

Хаџи Василева се очекува официјално да ја преземе функцијата во наредните две недели, по завршувањето на законските процедури. Како први приоритети ги посочи подобрувањето на внатрешната организација на обвинителството и зголемувањето на ефикасноста на кривичниот прогон.