
Основниот кривичен суд Скопје го одби барањето на одбраната за враќање на патната исправа на А.Г., второобвинет во предметот „Лотарија на Македонија“. Иако мерката куќен притвор му е укината по сила на законот, обвинетиот и натаму останува без пасош, а против него се определени дополнителни мерки за претпазливост.

Од Кривичниот суд информираат дека одлуката за укинување на куќниот притвор е донесена поради истекување на законски дозволениот рок од 60 дена, сметано од денот на поднесувањето на обвинителниот предлог.
Според член 470 од Законот за кривичната постапка, мерката притвор, односно куќен притвор, определена по поднесен обвинителен предлог, не може да трае подолго од 60 дена. Во конкретниот случај, обвинителниот предлог бил поднесен на 13 август 2026 година, поради што Кривичниот совет донел решение за укинување на мерката.
Сепак, укинувањето на куќниот притвор не значи и укинување на останатите ограничувања за обвинетиот.

Судот го прифатил предлогот на Основното јавно обвинителство за определување дополнителни мерки за претпазливост. Со нив, на А.Г. му се забранува напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, има обврска повремено да се јавува во судот, како и забрана за приближување и остварување контакти со одредени лица.
