Skip to main content
Македонија

Грозданова: Нема научни докази дека МРП вакцината предизвикува аутизам

08/10/2026  21:04

Не постојат научни докази дека МРП вакцината, која штити од мали сипаници, заушки и рубеола, предизвикува аутизам кај децата. Ова го истакна проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, осврнувајќи се на една од најраспространетите заблуди поврзани со вакцинацијата.

Грозданова објасни дека сомнежите за наводната поврзаност меѓу МРП вакцината и аутизмот потекнуваат од студија објавена во 1998 година од британскиот лекар Ендрју Вејкфилд, која подоцна беше повлечена поради сериозни научни и етички неправилности.

И покрај тоа што големи научни истражувања спроведени во изминатите децении не утврдиле причинско-последична поврзаност меѓу МРП вакцинацијата и аутизмот, ваквите тврдења и понатаму предизвикуваат загриженост кај дел од родителите.

„Научно нема никаков доказ“, порача Грозданова, нагласувајќи дека зголемениот број дијагностицирани случаи на аутизам не може автоматски да се поврзува со примената на вакцината.

Таа посочи дека во изминатите децении се промениле бројни фактори, вклучително и начинот на препознавање, следење и дијагностицирање на аутизмот, додека МРП вакцината се користи со децении.

„Многу други фактори се сменети, многу повеќе отколку вакцинацијата, која што постојано е иста“, изјави Грозданова.

Според неа, важно е да се направи разлика меѓу временско совпаѓање и научно докажана причинско-последична врска. Фактот што одредени развојни карактеристики кај децата стануваат забележливи во периодот кога се примаат вакцините не значи дека вакцинацијата е причината за нив.

Грозданова потсети дека и генерациите на денешните родители биле вакцинирани со МРП вакцината, додека денес се регистрира поголем број дијагнози на аутизам, што само по себе не претставува доказ за поврзаност со имунизацијата.

Претседателката на Комисијата за имунизација нагласи дека за надминување на стравовите и недовербата е неопходна отворена комуникација меѓу здравствените работници и родителите.

„Само со една соработка и многу јасно и транспарентно говорење за сè, ќе треба да настапиме и кон родителите“, рече Грозданова.

Таа ги повика родителите своите прашања и дилеми за вакцинацијата да ги адресираат до стручни и релевантни здравствени професионалци, наместо да се потпираат на непроверени информации.

Научниот консензус, заснован на големи епидемиолошки истражувања, останува јасен: МРП вакцината не предизвикува аутизам, а редовната имунизација е важна за заштита на децата од мали сипаници, заушки и рубеола.