
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата (Платформата) изразува сериозна загриженост поради одолговлекувањето на собраниската постапка за усвојување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030, заедно со Акциониот план за нејзино спроведување. Речиси една година по истекот на претходната Стратегија за периодот 2021-2025 година, Собранието сѐ уште нема усвоено нов стратешки документ за борба против корупцијата. Ваквата состојба го нарушува континуитетот на националните антикорупциски политики и испраќа загрижувачка порака за приоритетите на институциите во справувањето со корупцијата.
Дополнително загрижува фактот што одолговлекувањето на усвојувањето на Стратегијата директно ја загрозува реализацијата на мерките предвидени за 2026 година. Бидејќи годината е на самиот крај, навременото спроведување на овие активности е практично невозможно, особено ако се земе предвид времето потребно за институционално планирање, координација и обезбедување ресурси. Откако значителен дел од 2026 година е веќе изгубен, државата не смее да дозволи понатамошното одложување да ја доведе во ризик и 2027 година. Секое дополнително пролонгирање го зголемува ризикот од доцнење во спроведувањето на мерките и неисполнување на предвидените стратешки цели.
Оваа состојба е особено загрижувачка во момент кога меѓународните партнери, а пред сѐ Европската Унија, во своите извештаи нотираат отсуство на напредок во борбата против корупцијата. Во вакви околности, дополнителното одложување на усвојувањето на основниот национален стратешки документ за спречување на корупцијата претставува сериозен сигнал за недоволната институционална посветеност на ова прашање.
Потсетуваме дека Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ја донесе Националната стратегија на 19 јуни 2026 година и истиот ден ја достави до Собранието. По повеќе од два месеци, на 23 септември, документот беше разгледан од надлежните собраниски комисии, Законодавно-правната комисија и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Сепак, речиси пет месеци по доставувањето и два месеци по комисиската расправа, Стратегијата сè уште не е разгледана на пленарна седница. Според јавно достапните информации на веб-страницата на Собранието, таа е утврдена како точка на дневен ред за 111та пленарна седница со статус „неразгледана” и сè уште не е поставена на собранискиот календар за ноември.
Платформата го повикува Собранието на Република Северна Македонија без понатамошно одложување да ја разгледа на пленарна седница и да ја усвои Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030, заедно со Акциониот план.
Сè додека документот не биде усвоен, Собранието практично го кочи почетокот на целиот процес на имплементација, со што се одложува и исполнувањето на обврските кои што произлегуваат од Стратегијата и Акциониот план за сите надлежни институции, на сите нивоа на власт. Итното усвојување мора да биде проследено со навремено институционално планирање, обезбедување соодветни ресурси и преземање на конкретните активности за спроведување на предвидените мерки.
Борбата против корупцијата не смее да остане само декларативна заложба. Неопходно е Собранието да ја преземе својата одговорност и да овозможи институциите да започнат со спроведување на стратешките антикорупциски мерки без дополнително губење време.

