
Пишува: Проф д-р Иван Анастасовски
Македонија мора да избере меѓу политиката на бесконечно чекање и сериозна стратегија за европска интеграција. Постојат политички моменти во кои една држава не се соочува само со прашањето кој е во право, туку и со многу посериозната дилема колку долго може да ја одложува сопствената иднина додека се обидува да ја докаже својата правичност.
Македонија денес се наоѓа токму пред таква дилема. Европската интеграција одамна престана да биде само дипломатска цел, таа стана прашање на економски развој, институционална зрелост, доверба во државата и перспективата на младите генерации. Затоа, секое ново одложување не е само уште една пропуштена политичка можност, тоа е и прашање за цената што ја плаќаат нашите граѓани.
Посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, на 2 октомври 2026 година повторно ја стави Македонија пред познатата дилема. Европската порака беше дека постои можност за напредок, но и дека е потребен конкретен следен чекор. Уставните измени остануваат клучен услов за отворање на првиот преговарачки кластер. И повторно, пред нас е истата политичка раскрсница дали ќе бараме начин да продолжиме или ќе останеме заробени во спорот околу тоа кој треба прв да направи отстапка. Компромисот не смее да стане капитулација, но ни принципот изговор за застој. Во македонската политичка јавност постојат длабоки несогласувања околу условите под кои треба да продолжи европскиот процес. За едни, уставните измени се неопходен чекор за деблокирање на преговорите, додека за други, без дополнителни гаранции, секое ново прифаќање услови може да отвори простор за нови барања и нови политички разочарувања.
Овие ставови не треба да се карикираат, ниту да се сведат на едноставна поделба на патриоти и противници на Европа, оти станува збор за прашања што заслужуваат сериозна демократска расправа, правна анализа и одговорно политичко одлучување. Но, постои една граница што ниту една политичка елита не смее да ја премине да ја претвори националната стратегија во бесконечна предизборна тема.
Ако компромисот е неопходен, тој мора да биде објаснет, институционално разгледан и заснован врз јасни аргументи, ако се бараат гаранции, тие мора да бидат конкретни, проверливи и усогласени со реалните можности на европскиот процес. Ако се предлага одложено дејство на уставните измени (интересна позиција), мора отворено да се каже што точно би значело тоа, кои институции би го прифатиле и дали таквото решение навистина би ја придвижило постапката.
Одложеното дејство не е решение само по себе. Тоа е предлог што допрва треба да покаже дали може да произведе конкретен резултат, оти во спротивно, ризикуваме уште една политичка формула што добро звучи во јавноста, но не ја менува реалноста.
Се поставува прашањето Дали Европа има одговорност кон Македонија? Европската Унија не може да бара доверба од земјите кандидатки, а истовремено да ја потценува политичката цена на долгогодишното чекање. Довербата се гради кога правилата се јасни, критериумите се применуваат доследно, а напредокот зависи од исполнети обврски, а не од постојано менување на политичките околности.
Македонија има право да бара предвидливост, има право да очекува европскиот процес да не се претвора во бескрајна низа нови неизвесности, има право да бара нејзините граѓани да бидат оценувани според реалните реформи и исполнувањето на критериумите.
Но, тоа право не значи дека Европската Унија е должна да ги занемари условите од договорената преговарачка рамка. Исто така, не значи дека секое одложување може да и се припише исклучиво на Брисел или на Софија. Европскиот парламент во својата резолуција од 17 јуни 2026 година ја потврди поддршката за членството на Македонија, но истовремено нагласи дека напредокот зависи од суштински реформи и од потребните уставни измени. Тука е суштината на проблемот европската перспектива постои, но патот до неа не е автоматски.
Затоа, односот со ЕУ мора да се води со дипломатија што знае да ги брани интересите на државата, но и со политичка реалност што разбира дека преговорите бараат обврски, трпение и конкретни резултати.
Најголемата опасност е да се навикнеме на застојот, односно најголемиот ризик за Македонија не е само можноста да биде блокирана уште една година. Многу поголем проблем е ако блокадата стане нормална состојба, а политичките елити научат да функционираат во неа.
Тогаш европската интеграција станува декор во политичките говори. Владите ја користат за да ја оправдаат својата позиција, опозицијата за да ја критикува власта, а граѓаните остануваат публика на процес во кој нивната иднина се споменува почесто отколку што навистина се унапредува.
Што значи одложеното дејство во политичката практика?
Идејата за одложено дејство на уставните измени често се појавува како можен начин да се усогласат различните позиции. Во суштина, таа се обидува да одговори на една политичка дилема како да се направи потребниот чекор, а притоа да се намали стравот дека државата повторно ќе се соочи со дополнителни услови. Но, секој таков предлог мора да одговори на најмалку три прашања.
- Прво, дали е прифатлив во рамките на постојната европска преговарачка рамка?
- Второ, дали постои јасна и проверлива гаранција дека неговото усвојување ќе овозможи конкретно придвижување на процесот?
- Трето, дали постои политичка и институционална подготвеност да се преземе одговорноста за договореното решение?
Без одговори на овие прашања, одложеното дејство може да остане само формула за привремено смирување на домашната политичка расправа. Ако, пак, постои реална можност за решение, тогаш тоа треба сериозно да се преговара со европските институции и со сите релевантни страни, без однапред да се прогласува за успех или да се отфрла како неуспех. Политиката не е уметност на создавање илузии, таа е способност да се најде остварлив пат низ реалните ограничувања.


