
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган упати остро предупредување до Грција, повикувајќи ја Атина да се откаже од, како што рече, „погрешниот пат“ и да престане со вооружување на островите за кои Турција тврди дека имаат демилитаризиран статус.
Ердоган ова го изјави одговарајќи на новинарски прашања за време на летот по враќањето од Бишкек, каде што присуствуваше на самитот на Шангајската организација за соработка во Киргистан.
„Грција мора да се откаже од овој погрешен пат и да престане да ги вооружува островите со демилитаризиран статус. Историјата е многу добар водич за оние што учат од неа“, порача Ердоган.
Турскиот претседател истовремено нагласи дека Анкара сака односите со Атина да се развиваат врз основа на добрососедство, оценувајќи дека Турција досега настапувала искрено и конструктивно во односите меѓу двете земји.
Сепак, Ердоган порача дека Турција нема да дозволи, како што рече, да бидат загрозени нејзините права.
„Турција нема претензии кон туѓи територии, но нема да дозволи никој да ги гази нејзините права. Секој што мировниот и разумен пристап на Турција го толкува како слабост, прави голема грешка“, изјави Ердоган.
Тој додаде дека непочитувањето и игнорирањето на меѓународните договори нема да му донесе корист никому, повторувајќи го ставот на Анкара во однос на статусот на островите.



