
Државниот пазарен инспекторат на терен ги контролира правните субјекти, трговците дали се придржуваат до одредбите на одлуката на Владата со која ги задолжи да ги намалат цените на училишниот прибор најмалку за 10% во трговија на големо и најмалку за 15% во трговија на мало, а која ќе се применува од 25.08.2026 година до 30.09.2026 година.
Согласно одредбите на одлуката, највисоките цени на производите опфатени со одлуката се утврдуваат на нивото на цените (со исклучок на цените на акциска продажба) кои се применувале на 1 јуни 2026 година во трговијата на големо, кои цени се намалуваат најмалку за 10%, како и во трговијата на мало (специјализирани продавници за продажба на училишен прибор, продавници за спортска опрема кои продаваат ранци и ташни и трговци на мало кои во својот асортиман на производи продаваат и училишен прибор), кои цени се намалуваат најмалку за 15% .
Трговците за вршење дејност трговија на мало, производите наведени во одлуката, кои се поставени на полиците треба јасно да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“, кој е објавен на веб – страницата на Министерството за економија и труд, како и со претходната продажна цена на која е утврдено намалувањето и новата намалена продажна цена.
По исклучок, за производите кои се набавени по 1 јуни 2026 година, највисоките цени за производите се утврдуваат на нивото на цените евидентирани во Материјалната евиденција во трговијата на големо, кои цени се намалуваат најмалку за 10%, како и на нивото на цените евидентирани во Приемниот лист во трговијата на мало, кои цени се намалуваат најмалку за 15%.
Тимовите на Државниот пазарен инспекторат во наредниот период ќе ги контролираат правните субјекти на целата територија на државата и ќе постапуваат согласно Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите, каде глобите се движат од 500 до 10.000 евра во зависност од големината на субјектот, а за целосно непочитување на одлуката предвидена е мерка – привремена забрана за вршење на дејност од 15 дена.
Апелираме до трговците да се придржуваат до одредбите на одлуката на Владата.
Граѓаните можат да пријават неправилности или непочитување на одлуката на 191 или www.dpi.gov.mk

