Skip to main content
Македонија

Дожд и заладување денеска, вечерва можен снег и во Скопје

28/11/2026  07:55

Облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег, ја очекува Македонија денеска, сабота, 28 ноември. Според Управата за хидрометеоролошки работи, врнежите локално ќе бидат пообилни и може да надминат 30 литри на квадратен метар за 24 часа.

Попладне ќе навлезе постуден воздух од север, поради што дождот ќе преминува во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува умерен северен ветер, кој во североисточните делови и долж Повардарието повремено ќе биде засилен до силен.

Во Скопје ќе биде облачно со повремен дожд, а кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови врнежите да преминат во снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, со повремено засилување во делови од котлината.

Врнежливото и студено време ќе продолжи и утре. За недела се најавуваат повремени локални врнежи претежно од снег, додека во пониските места долж Повардарието ќе има дожд и снег. Дневните температури ќе се движат од нула до осум степени.

Кон крајот на неделниот ден врнежите постепено ќе престануваат. Во понеделник се очекува променливо облачно и студено време со сончеви периоди.