Skip to main content
Македонија

Деаноски: Синдикатот на УПОЗ денеска поднесе официјално барање за средба со премиерот

17/01/2025  11:52

Синдикатите на вработените во државните институции размислуваат за можни мерки како што се тужби против државата, штрајкови и продолжување на протестите, како одговор на незадоволството поради нерешените барања за зголемување на платите за 30 отсто.

– Дијалогот не се води преку соопштенија и преку медиуми, Синдикатот на УПОЗ денеска поднесе формално барање за средба со претседателот на Владата, со кое бараме повторно продолжување на дијалогот кој еднострано беше прекинат од страна на Министерството за финансии со одбивање на предложените колективни договори за додаток на плата, за овие вработени кои денеска протестираат со нас – реќе Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ, на денешната прес-конференција пред Министерството за финансии.

Во спротивно, Деаноски предупреди дека синдикатите ќе бидат принудени да ги активираат протестите, како и да искористат сите законски дозволени мерки за изразување на незадоволството на вработените, се додека не се остварат нивните барања. Според него, ако дијалогот не доведе до решение, синдикатите размислуваат за продолжување на протестите, како и за организирање штрајк и поднесување тужби против државата.

На вчерашниот состанок со синдикатите, беше донесена одлука да се почекаат резултатите од дијалогот, но доколку не се најде решение, следните чекори ќе бидат активирање на протестите и други законски мерки.