Skip to main content
Македонија

Чавушоглу: Oд Македонија се бараше да го промени знамето, името и сега се бара да прифатат дека не се Македонци

23/06/2026  19:32

ЕУ треба да биде отворена и искрена со земјите кандидати и да ги отвори вратите ако ги исполниле сите услови. Од Северна Македонија се бараше да го промени знамето, името и сега се бара да прифатат дека не се Македонци. Тоа е нечуено и спротивно на основните вредности на ЕУ, порача шефот на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО и поранешен министер за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, на меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир 2026“ во Скопје.

Чавушоглу, кој учествуваше на првиот панел „Предизвиците за меѓународниот мир, безбедноста и владеењето на правото“, изјави дека дополнителните условување надвор од преговарачките поглавја наметнати на Македонија и македонскиот народ, се нефер и сурови.

-Од Северна Македонија се бараше да го промени знамето, името и сега се бара да прифатат дека не се Македонци. Тоа е нечуено и спротивно на основните вредности на ЕУ… Турција е за соработка и против создавање нови поделби на Балканот. Турција е подготвена да ги поддржи сите напори за мир, безбедност и економска соработка во регионот. Верувам дека ЕУ интеграцијата на регионот ќе забрза во иднина и НАТО ќе продолжи да игра значајна улога во Југоисточна Европа и Балканот – изјави Чавушоглу.

Според Чавушоглу, Турција е за реформа на меѓународниот систем и ОН, а верува дека и ЕУ треба самата да се реформира.

-Евроатлантските аспирации на балканските земји треба да бидат поддржани. Верувам дека неискористениот потенцијал на Балканот треба да биде препознаен. Географски Балканот е мост меѓу Западот и Истокот и економскиот потенцијал е особено важен за развојот на поширока Европа. Кога северниот коридор повеќе не е алтернатива за трговија меѓу Азија и Европа, верувам дека коридорот „Појас и пат“ ќе станува се поважен и Балканот ќе биде дел од тоа – изјави Чавушоглу.

ЕУ, нагласи Чавушоглу, треба да биде отворена и искрена со земјите кандидати и да ги отвори вратите ако ги исполнат сите услови.

-Верувам дека Црна Гора ги исполнува сите услови и верувам дека ЕУ земјите треба да одговорат зошто тоа не е така – изјави Чавушоглу.

Присуството на НАТО, според Чавушоглу и во иднина ќе биде клучно за одржување на мирот и стабилноста во регионот, но вели не треба се да очекуваме од сојузникот САД, туку и европските сојузници, исто така, треба да се присутни.

-Верувам дека безбедноста на Балканот, Европа и Турција е неразделна и затоа верувам дека евроинтеграциите, во овој регион се особено клучни и се надевам дека Северна Македонија ќе биде полноправна членка на ЕУ во блиска иднина – изјави Чавушоглу.

На Меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир 2026“ што денеска и утре се одржува во Скопје, учествуваат поранеши шефови на држави, министри, дипломати, универзитетски професори, истражувачи, претставници на меѓународни организации, бизнис-лидери и млади од повеќе земји од Европа и Азија, е во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија 2009–2019, д-р Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите (ICAC) и Алумни асоцијацијата на Школата за млади лидери на претседателот Иванов (ISLAA).