
Бугарскиот европратеник од редовите на ГЕРБ, Андреј Ковачев, изјави дека Македонија нема основа да поднесува поплаки до европските институции поради случајот со Ива Михаилова, која ја напушти земјата и замина во Бугарија и покрај судските ограничувања.

Во гостување на Бугарската национална телевизија (БНТ), Ковачев порача дека бугарските институции не направиле ништо спорно и дека реакциите од Скопје се неоправдани.
Тој откри дека за случајот лично ја информирал и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на состанок на Европската народна партија во Италија.
„Токму сега, на состанокот на ЕПП што започнува во Италија, ја информирав претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за ситуацијата и сметам дека Скопје нема причина да се жали на Бугарија. Што точно направила Бугарија што е проблематично? Апсолутно ништо“, изјави Ковачев.
Бугарскиот европратеник смета дека случајот не треба да се третира исклучиво како политичко или правно прашање, туку дека во преден план треба да биде здравствената состојба на Михаилова.
Според него, станува збор за хуманитарен случај, бидејќи нејзината здравствена состојба бара итно внимание и соодветна медицинска грижа.
Со ваквиот став, Ковачев го отфрла тврдењето дека Бугарија постапила спротивно на добрососедските односи, иако македонските власти го проблематизираат нејзиното заминување во услови на судски ограничувања.
Изјавата доаѓа по најавата на македонското Министерство за надворешни работи дека за случајот ќе ги информира Европската Унија и Советот на Европа.
Од македонското Министерство претходно оценија дека постапувањето на бугарските институции во врска со заминувањето на Михаилова ги поткопува напорите за градење меѓусебна доверба и е спротивно на заложбите за унапредување на добрососедските односи.
Случајот дополнително ги отвори прашањата за почитувањето на судските одлуки, соработката меѓу надлежните институции на двете држави и одговорноста за преминувањето на границата во услови кога постојат судски ограничувања.
За случајот веќе постојат спротивставени позиции меѓу Скопје и Софија, додека прашањето за околностите под кои Михаилова ја напуштила Македонија останува отворено.


