
Поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стевче Јакимовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ јавно ги оспори резултатите од последните локални избори, тврдејќи дека изборниот процес бил проследен со сериозни нерегуларности и системски манипулации.
Јакимовски откри дека неговата партија направила детални анализи кои, според него, покажуваат дека избирачките одбори во делови од општината биле ставени под контрола на семејства блиски до политичките противници.
„Дали е возможно во 21 век, во една населба, во три избирачки одбори да имате шест члена од исто семејство? Имаме случаи каде татко и ќерка или сопружници заедно одлучувале за гласовите. Затоа фаќавме обиди за ‘бугарски возови’ и затоа на одредени места мистериозно фалеа ливчиња. Ова не е демократија, ова е чист фалсификат“, изјави Јакимовски.
Тој направи споредба со локалните избори во 2017 година, кога, како што рече, достоинствено му ја честитал победата на Стефан Богоев. Но, за актуелната ситуација вели дека не сакал ниту да се ракува при примопредавањето на функцијата.
„Секоја моја победа била чиста како солза – без ниту еден уценет или купен глас. Овојпат ниту честитав, ниту сакав да се ракувам. Карпош не заслужува градоначалник кој дошол на власт на нечесен начин“, рече тој.
Јакимовски објасни дека неговата реакција произлегува и од специфичниот профил на граѓаните во Карпош, за кои смета дека заслужуваат високо ниво на одговорност и транспарентност.
„Во Карпош живеат тројца премиери, двајца гувернери, претседатели на Собрание, министри и еминентни писатели како Венко Андоновски. Тоа е средина која не дозволува неодговорен однос кон функцијата“, истакна поранешниот градоначалник.
Тој додаде дека, токму поради почитта кон граѓаните, никогаш не дозволил работата во општината да запре, дури и во периоди на финансиска криза.
На крајот, Јакимовски најави дека во јавноста наскоро ќе бидат објавени детални анализи за, како што тврди, нерегуларностите во избирачките одбори.
„Ние ја имаме целата анализа за тоа колку сопружници биле членови на избирачките одбори и тоа наскоро ќе го објавиме во јавноста. Граѓаните мора да знаат како е украдена нивната волја“, заклучи Јакимовски.



