Skip to main content
Македонија

Барутана без важечки ДУП – жителите бараат основни услови за живот, новиот план носи 33% помалку градба

02/09/2026  16:25

Жителите и сопствениците на имоти во локалитетот Барутана во Општина Центар бараат конечно да им се овозможат основни услови за живот и да се стави крај на долгогодишната урбанистичка неизвесност. Нивното барање е населбата да добие Детален урбанистички план кој ќе овозможи улици, пристап до домовите, комунална инфраструктура и нормални услови за секојдневно функционирање.

Прашањето за иднината на Барутана повторно е актуелно откако Општина Центар го стави Нацрт-ДУП за Градска четврт Ј05 – Барутана пред граѓаните. Утре, 3 септември, со почеток во 12 часот, во просториите на Општина Центар, во барака 6, ќе се одржи јавна презентација на Нацрт-планот.

За жителите, ова не е само прашање дали и колку ќе се гради. Тие потенцираат дека пред се бараат основни услови за живот, соодветна инфраструктура и конечно решавање на проблемите со кои се соочуваат во населбата.

Нивното очекување е Барутана да не остане заглавена во статус кво, туку преку ДУП да се создадат предуслови за уредување на просторот и обезбедување услови какви што треба да има една населба во централното градско подрачје.

Особено значаен е податокот дека со новото предложено решение не се зголемува, туку значително се намалува дозволената изградба.

Според податоците од новиот Нацрт-план, вкупната дозволена изградба се намалува од 43.429 квадратни метри на 29.459 квадратни метри, односно за 33 проценти.

Тоа значи дека новото решение предвидува 13.970 квадратни метри помалку дозволена изградба во споредба со претходното.

Овој податок е значаен и за јавната дебата околу Барутана. Жителите кои бараат да се донесе ДУП посочуваат дека нивното барање не е населбата неконтролирано да се изгради, туку да добијат основни услови за живот и плански уреден простор.

Со други зборови, барањето е Барутана да се развива, но според јасни правила.

Жителите очекуваат ДУПот да создаде предуслови за подобрување на пристапните улици, сообраќајната и комуналната инфраструктура, како и за соодветно уредување на целиот простор. За нив, тоа се основни предуслови за нормален живот, а не прашање на луксуз.

Барутана е дел од Општина Центар, а жителите сметаат дека и тие треба да имаат основни услови за живот какви што се очекуваат во современа градска населба.

Токму затоа нивното барање не треба да се сведува единствено на прашањето за нови згради. ДУПот треба да биде документ кој ќе го дефинира целокупното функционирање и идниот изглед на населбата – од пристапот до домовите и инфраструктурата, до можноста сопствениците законски и плански да располагаат со своите имоти.

По години неизвесност, жителите бараат конкретно решение.

Нивната порака е дека не бараат бетонизација, туку основни услови за живот.

Дополнителен аргумент е токму фактот што Нацрт-ДУП предвидува за една третина помала дозволена изградба. Наместо 43.429 квадратни метри, предвидени се 29.459 квадратни метри, што претставува намалување од 33 проценти.

Тоа отвора можност да се постигне баланс од една страна да се овозможи развој и подобрување на условите за живот, а од друга страна да се ограничи обемот на дозволената изградба.

Во декември 2025 година Уставниот суд ја укина одлуката за изменување и дополнување на претходниот ДУП „Тасино Чешмиче 1“ во делот кој се однесува на сегашната градска четврт Ј05 локалитет Барутана, блок 9.

За жителите, сепак, тоа не треба да значи уште години чекање. Тие очекуваат новата постапка да донесе решение со кое конечно ќе се создадат услови населбата да се уреди и да се развива.

Во моментов е во тек јавната анкета за Нацрт-ДУП, која ќе трае до 14 септември. Во неа можат да учествуваат сите жители и правни лица од опфатот на планот, како и од соседните подрачја, со доставување забелешки, предлози и мислења.

Нацрт-планот е изложен во просториите на ООУ „Кочо Рацин“, каде секој работен ден од 8 до 16 часот граѓаните можат да ги разгледаат планските решенија и да пополнат анкетни листови.

На утрешната јавна презентација граѓаните ќе имаат можност непосредно да се запознаат со предложените решенија и да добијат повеќе информации за планот.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика заинтересираните граѓани активно да се вклучат во процесот.

„Ги повикувам сите заинтересирани граѓани утре да дојдат на јавната презентација, да се информираат и да ги кажат своите забелешки и предлози. Сакаме плановите што ги носиме да бидат резултат на отворен и транспарентен процес во кој граѓаните имаат можност да учествуваат и да го кажат своето мислење“, вели Герасимовски.

За жителите на Барутана ова е можност нивните барања конечно да бидат слушнати. Наместо дебатата да се води исклучиво околу квадратни метри и нови објекти, тие сакаат во центарот на вниманието да се постави квалитетот на живот.

Жителите бараат основни услови за живот пристап, инфраструктура, уреден простор и јасна перспектива за населбата.

Намалувањето на дозволената изградба за 33 проценти, според нив, покажува дека развојот на Барутана не мора да значи прекумерно градење. Напротив, може да се создаде модел во кој ќе има помал градежен капацитет, но подобро организирана населба и услови за нејзино инфраструктурно уредување.