Skip to main content
Македонија

Ахмети: Без Албанците, Македонија нема иднина

14/04/2026  23:41

Лидерот на Демократска унија за интеграција, Али Ахмети, од панел-дискусијата на Самитот на албанската дијаспора во Тирана, испрати силни политички пораки поврзани со положбата на Албанците и употребата на албанскиот јазик во Македонија.

На настанот, на кој присуствуваа и високи дипломати од Косово и Албанија, Ахмети предупреди дека постои „реална опасност“ за статусот на албанскиот јазик и повика на негово унапредување.

„Што се однесува до албанскиот јазик во Македонија, реална е опасност и мислам дека треба да ја унапредиме состојбата со целиот јазик што сите го зборуваме“, истакна Ахмети.

Тој потсети дека правата на албанскиот јазик се гарантирани со Охридски рамковен договор, документ кој, според него, има и меѓународни гаранции од Соединетите Американски Држави и НАТО.

„Ја делиме одговорноста: Вашингтон, Брисел, НАТО, албанските политички сили, македонските политички сили. Македонија има иднина само во коегзистенција, во совладеење со Албанците. Без Албанците, Македонија не може да преживее и нејзините денови се одбројани“, изјави Ахмети.

Неговите ставови повторно ја отвораат дебатата за меѓуетничките односи, јазичните права и улогата на меѓународната заедница во одржување на стабилноста во државата.