Skip to main content
Македонија

Ивановски: Иднината на вселената е во рацете на вештачката интелигенција

14/04/2026  23:28

Иднината на вселенските мисии сè повеќе се насочува кон роботизација и вештачка интелигенција, наместо кон традиционалните човечки екипажи, оценува Иван Ивановски од Prime Capital.

Во разговор за емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, тој истакна дека технолошкиот напредок веќе овозможува автономните системи да станат главни носители на истражувањата надвор од Земјата.

Според Ивановски, решенијата што денес се користат на Земјата – како системот за автономно управување FSD на Tesla и хуманоидниот робот Optimus – можат релативно брзо да се прилагодат за работа во екстремните услови на Месечината и Марс.

„Мислам дека за Месечината и Марс главните мисии ќе ги извршуваат роботите Optimus. Прерано е луѓето директно да работат таму. 99% сум сигурен дека роботите ќе ја преземат главната улога,“ изјави Ивановски.

Тој потенцира дека автономните системи имаат значајна предност во непознати и ризични средини, каде што човечкиот фактор може да биде ограничен. Алгоритмите, според него, обезбедуваат поголема прецизност, континуирана работа без пауза и значително намален ризик од човечки грешки.

Овој тренд, како што нагласува Ивановски, веќе се забележува во стратегиите на вселенските агенции како NASA и приватни компании како SpaceX, кои сè повеќе инвестираат во автономни технологии, роботика и вештачка интелигенција како клучни алатки за идните мисии.

Со ваквиот развој, вселенската трка влегува во нова фаза – каде човекот можеби ќе остане во контролните центри на Земјата, додека роботите ќе ја освојуваат вселената.