
Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска се обрати на состанокот на Работниот комитет на Националната развојна стратегија, кој беше посветен на темата „Безбедно општество со фокус на внатрешната безбедносна политика”. На настанот присуствуваа и постојаниот претставник на УНДП, Армен Грегоријан, генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, претставници на меѓународните организации, институциите и експерти од релевантните области.
Во своето обраќање, заменик министерот Исени ја нагласи суштинската улога на Министерството за внатрешни работи во креирањето и имплементацијата на безбедносните политики, кои се клучен дел од Националната развојна стратегија — документ што претставува долгорочна визија за развојот на државата во следните дваесет години.
„Безбедноста е темел на секој општествен напредок. Без стабилна држава нема услови за економски развој, социјален напредок, ниту ефективно владеење на правото. Нашата институција останува целосно посветена на исполнување на стратешките приоритети и на координацијата со сите чинители во системот на безбедност”, истакна Исени.
Тој посочи дека МВР, преку своите стратешки програми и преку Стратешкиот план 2025–2027, е длабоко вклучено во исполнување на националните цели за сигурно, отпорно и праведно општество, како и во спроведувањето на реформите поврзани со европските интеграции.
Исени ја нагласи и важноста на меѓународната соработка со ЕУ, НАТО, УНДП и другите партнери, потенцирајќи дека сите активности на МВР се водат од приоритетите дефинирани во Националната развојна стратегија.
Во заклучокот, тој упати благодарност до УНДП за континуираната поддршка и додаде дека Министерството за внатрешни работи ќе продолжи да биде активен и одговорен партнер во имплементацијата на Националната развојна стратегија.

