Skip to main content
Македонија

Меѓународен ден на детето: Со мировно образование до праведно и инклузивно општество

20/11/2025  13:43

Четвртата конференција за мировно образование, во организација на Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ, ги сплотува практичарите, професионалците и активистите на уникатен настан, во хотел Холидеј Ин, Скопје. На прес конференцијата по повод „Меѓународниот ден на детето”, се потенцираше важноста на мировното образование – не само во поглед на темите, туку и како водечка рамка за дејствување во состојба на криза, врз основа на системот на вредности и хуманиот/индивидуалниот пристап што овој концепт ги промовира.

Говорниците споделија свои гледишта за безбедна, правична и мирољубива училишна средина преку излагања на следните теми: 15 години програма за мировно образование – постигнувања и предизвици, регионалните аспекти на мировното образование и значењето на програмата, мировното образование и поддршката од Министерството за образование, како и значењето на програмата за мировно образование од лична перспектива и промените во локалната заедница. 

Драги Змијанац, претседател и соосновач на Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ истакна дека програмата за мировно образование веќе 15 години се спроведува во Македонија и претставува уникатен пример за градење култура на мир и ненасилство, „Програмата за мировно образование е од суштинско значење за нашето општество, особено во услови на ранливост и поделби – верски, социјални, образовни, јазични и економски. Таа не е само проект, туку вредносно поставена иницијатива која создава општествени промени и ја гради основата за поправедно општество”. Тој додаде дека во програмата се вклучени 76 училишта, над 300 наставници и повеќе од 8000 ученици.

Fatmire Ajdari, мировна активистка и координаторка на програмата за мировно образование нагласи: „Досега спроведовме над 100 обуки, преку кои наставниците и учениците стекнаа конкретни знаења и вештини од областа на ненасилната комуникација, градењето на мирот, ненасилната разработка на конфликти, градењето доверба. Програмата разви активно членство кое се смета за семејство МЕЃАШИ – заедница што се поддржува, учи и расте заедно.” Таа додаде дека формирањето мрежа на мировни училишта е клучен чекор за системското вградување на мировното образование во наставните програми и активности.

Регионалниот координатор за Западен Балкан на Kurve Wustrow, Amjad Mitri, потенцираше дека организацијата веќе 15 години ја подржува МЕЃАШИ и секако дека соработката ќе продолжи и понатаму. „Најважниот момент е вклучувањето на мировните програми во образовнието бидејќи работиме со ученици, а тоа значи дека работиме со иднината на државата”, истакна Mitri.

Државниот советник од Министерството за образование и наука, Safet Neziri, изрази благодарност до сите медиуми за дисеминирање на програмите за мировно образование во јавноста и нагласи дека МОН за првпат го препознава насилството како негативна појава на која треба да се работи. „Потпишани се три меморандуми за соработка со МОН, а преку Координативното тело со членови од МОН, БРО, ДПИ и МЕЃАШИ активно се работи на Модулите за мировно орбазование за нивна директна примена во наставниот процес на училиштата”, истакна Neziri.  Тој додаде дека насилството се третира сериозно од страна на институциите благодарение на МЕЃАШИ.

„Мирот не е тишина, туку храбра секојдневна акција“, посочи Валентина Штерјовска, професорка во СОУ „Гостивар”. Таа дополнително укажа дека преку програмите за мировно образование младите се развиваат во луѓе со вредности кои потоа ги споделуваат во општеството.  

Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ, уште во април 2011 година, почна со спроведување на проект за мировно образование. Оттогаш, над 300 наставници и стручни служби спроведоа најразлични активности со повеќе од 8.000 ученици, ткаејќи ја мрежата на мировни училишта низ Македонијa, која ќе биде официјализирана на третиот ден од конференцијата.

Со оваа конференција, Македонија се позиционира како  земја која активно работи на тоа младата генерација да стане посвесна за вредностите на соработка и почит кон различностите – генерација која го разбира комплексниот карактер на конфликтите и поседува способност за комуникација и меѓукултурно разбирање.

Важноста на програмата за мировно образование е во тоа што таа не само што ги менува училиштата, туку го менува и општеството. Таа создава одговорни генерации кои знаат да градат мостови наместо ѕидови, да ја претвораат различноста во сила и да ја заменуваат културата на поделби со култура на мир. Тоа е инвестиција во сегашноста и иднината на младите.

Во рамки на дневната програма на конференцијата се одржа и сесија со учениците, на која се дискутираше за влијанието на врсничкото насилство врз менталното здравје. На крајот, беше оставен простор за дијалог, во кој учениците споделија свои искуства и идеи за справување со булингот во училиштата.