
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) денеска одбележа 25 години од основањето. Директорот на Фондот Сашо Клековски во својата презентација истакна дека ФЗО има 1.840.000 осигуреници, од кои 1.200.000 се носители на здравственото осигурување.
Буџетот на Фондот е 53 милијарди денари, а за здравствено осигурување се плаќа 3000 денари месечно. Ваквото вложување, како што кажа, е доволно и е на ниво на средноразвиени земји.
Во своето обраќање Клековски изнесе низа статистички податоци за тоа колку се вложува во јавното здравство и колку услуги испорачуваат здравствените работници, колку лекови се на позитивната листа, колку лица се лекуваат во странство итн.
– Овој здравствен систем испорачува. Да, има недостатоци, ама испорачува, нагласи директорот на ФЗО.
Клековски зборуваше и за тоа што треба да се направи во иднина за подобрување на здравствените услуги за граѓаните, како реорганизација и регионализација на здравствениот систем.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски зборуваше за посветеноста на Владата за подобрувања во јавното здравство.
Мицкоски исто така тој ја искористи оваа прилика во свое име и во име на Владата да им се заблагодари на сите здравствени работници и други лица кои беа вклучени во прифаќањето на пациентите од пожарот во Кочани.
На одбележувањето на 25 годишнината од функционирањето на Фондот беа прикажани видеа за развојот на оваа институција, но и за итната помош што здравствените власти и Фондот ја направиле за трансплантација на срце кај дете.

