
Кривичниот совет на Основниот суд во Битола ја прифати жалбата на Основното јавно обвинителство и ја преиначи првичната одлука, определувајќи притвор за сопственикот на „Марковски компани“, Борче Марковски. Со оваа одлука, Судот ги уважи аргументите на обвинителството, кое укажа на ризик од бегство на осомничениот, имајќи предвид дека тој поседува значителен имот во странство.

Обвинителството претходно поднесе жалба на решението со кое на Марковски и на еден од раководителите во РЕК „Битола“ им беше изречена мерка куќен притвор, барајќи за двајцата затворски притвор поради опасност од бегство и влијание врз сведоци.
Во истрагата, што опфаќа осум физички и едно правно лице, петмина раководители и директори во РЕК „Битола“ се сомничат за продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, бидејќи, спротивно на рударскиот проект и потребите на рудникот „Живојно“, реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од „Осломеј“ во ПЕ Рудници – РЕК Битола.