Skip to main content
Свет

Орбан: Без руска енергија, унгарската економија ќе пропадне

29/09/2025  08:25

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес соопшти дека неговата држава ќе продолжи со набавка на фосилни горива од Русија, и покрај позицијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Му кажав на американскиот претседател дека ако Унгарија биде исклучена од руската нафта и гас, веднаш, во рок од една минута, економските перформанси би паднале за четири отсто.“ Ова значи дека унгарската економија би била на колена, рече тој на Унгарското национално радио.

Унгарија е една од ретките европски држави која продолжи да купува руска нафта и гас од почетокот на војната во Украина.

Претходно овој месец, Трамп ги повика сите земји на НАТО, вклучувајќи ја и Унгарија, да престанат да увезуваат руска енергија, тврдејќи дека тоа би го забрзало крајот на војната. Сепак, Будимпешта вели дека географските и инфраструктурните ограничувања го прават префрлањето кон западните снабдувачи речиси невозможно. Чешка, која се наоѓа во истиот географски регион и е исто така без излез на море, успеа целосно да го запре увозот на руска нафта. Словачка, која се граничи со Унгарија, продолжува да се потпира на неа.

И покрај притисокот од ЕУ и администрацијата на Трамп, Орбан нагласи дека Унгарија и САД „се суверени држави“. „Нема потреба едната страна да ги прифаќа аргументите на другата. Америка има свои интереси, Унгарија има свои“, рече премиерот.