Skip to main content
Македонија

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ со лаги бега од одговор за корупцискиот скандал со гасот

23/07/2025  11:15

Соопштение на СДСМ:

Клучното прашање на кое ВМРО-ДПМНЕ не даде одговор е: Дали преговараат зад затворени врати за потпишување меморандум со компанија која е фатена во корупција и поткуп? Молкот за ова прашање е одговор сам по себе.

Наместо да одговорат, тие потврдуваат дека претходната влада предводена од СДСМ го штитела јавниот интерес и не се договорила на штета на граѓаните. 

Вистината која ВМРО-ДПМНЕ добро ја знае е следната:

Владата предводена од СДСМ одбиваше да склучува договори на штета на граѓаните. За разлика од криминалните навики на ВМРО-ДПМНЕ, ние започнавме јавен и целосно транспарентен тендер за изградба на дистрибутивната мрежа, почитувајќи ги законите и штитејќи го јавниот интерес.

Процесот беше јавен токму за да се спречи она што ВМРО-ДПМНЕ денес се обидува да го направи – да додели стратешки проект на фирма која веќе е вклучена во корупција во сличен проект, и без конкуренција и надвор од очите на јавноста да потпишува непотребни меморандуми.

Разликата е кристално јасна: СДСМ инсистираше на законска, транспарентна и конкурентна постапка. ВМРО-ДПМНЕ бега од законот како ѓавол од крст и се обидува преку меморандуми да ги реализира своите зделки во четири очи.

Со тоа што не го негираат фактот дека подготвуваат зделка со компанија вмешана во корупција, ВМРО-ДПМНЕ само потврдува дека нивната единствена цел е лично богатење, а не интерес на граѓаните.

Ги повикуваме уште еднаш да излезат пред јавноста и јасно да кажат: Што му ветиле на инвеститорот за да тој вложи 1 милијарда евра и зошто бегаат од јавен тендер? Секој ден молк е ново признание за криминалот што го подготвуваат.