
Млада спортистка од Шпанија, учесничка на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) што се одржува во Македонија, објави видео на кое се гледа дел од паднат плафон во бањата на собата каде што е сместена. Инцидентот го сподели на социјалните мрежи, наведувајќи дека не поминале ни 72 часа од нивното пристигнување, а веќе се соочуваат со вакви услови.
Објавата предизвика реакции и отвори прашања за квалитетот на сместувањето на дел од учесниците на овој голем меѓународен спортски настан. Фестивалот опфаќа натпревари во 15 спортски дисциплини и се одржува во неколку градови – најмногу во Скопје и Куманово, додека спортската гимнастика ќе се одржи во Осиек, Хрватска.
Во главниот град деновиве владее олимписка атмосфера, а улиците се исполнети со млади спортисти од цела Европа. Сепак, ваквите инциденти фрлаат сенка врз имиџот на домаќинот и поставуваат прашања за стандардите и безбедноста во сместувачките капацитети.
Организаторите засега немаат официјален коментар за настанот.