
Денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата сериозно размислува да воведе дополнителни даноци за немажените и неженетите граѓани во државата предизвика реакција од ДОМ, од каде ја оценуваат мерката како недозволив и опасен преседан кој директно ги повредува темелите на уставниот поредок, човековите слободи и начелата на еднаквост.
„Во Македонија, Уставот во член 9 гарантира дека сите граѓани и граѓанки се еднакви пред Уставот и законите, без оглед на нивниот личен статус. Воведување даночен товар врз основа на брачен статус е директна дискриминација и грубо кршење на ова уставно начело“, велат од ДОМ.
Дополнително, како што велат од партијата, ваквата мерка е во спротивност со Европската конвенција за човекови права, конкретно со членот 8 кој го гарантира правото на почитување на приватниот и семејниот живот, како и членот 14, кој забранува дискриминација при уживање на правата и слободите утврдени со Конвенцијата.
Осврнувајќи се на доменот на фискалната политика, оттаму велат дека предлогот е и протви основните начела на даночната правда, односно на правичноста, неутралноста и еднаквиот третман на даночните обврзници.