Skip to main content
Македонија

АХВ воведе мерки за заштита од болеста чума кај малите преживари и за Косово

04/07/2025  14:10

По добиената официјална потврда од Агенцијата за безбедност на храната на Република Косово за прв случај на болеста чума кај малите преживари во оваа земја, денес Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе решение за забрана за увоз и транзит на живи домашни и диви мали преживари, семе, јајце-клетки и емброни од домашни и диви мали преживари, месо од домашни и диви мали праживари, производи и преработки од месо од домашни и диви мали преживари, млеко и производи од млеко од домашни и диви мали преживари, како и нуспроизводи од домашни и диви мали преживари во Република Северна Македонија и од Република Косово. Во сила е и решението за забрана на увоз од Република Албанија, кое неодамна го донесе АХВ, каде што досега се потврдени неколку жаришта на болеста.

АХВ на дневна основа ја следи состојбата со болеста чума кај малите преживари. Со цел заштита од внесување на вирусот на болеста, зачувување на статусот земја слободна од болеста и извоз на живи животни, месо од овци и кози и нивни производи во Европската Унија, превентивни мерки се преземаат уште од 2024 година, од неодамна се воведени мерки на засилен надзор на болеста по должината на пограничниот појас на граница со Албанија, а исти вакви мерки за пограничните региони ќе се воведат и кон Косово. Особено засилена е контролата на евентуално илегално движење на животни и забрана за движење на животни меѓу населените места лоцирани во пограничните појаси, за што за потврдтата на првото жариште во сосседно Косово известени ќе бидат и МВР, Царинската управа и другите надлежни државни органи.

Поради намалување на ризикот од појава и проширување на болеста, АХВ ги извести ветеринарните друштва и официјалните ветеринари за спроведување засилен надзор на одгледувачниците на овци и кози и пријавување на секој сомнителен случај на болеста, а со одгледувачите на ситен добик во тек се информативни трибини за запознавање со симптомите на болеста и нивно полесно препознавање. Одржни се неколку координативни состаноци со претставници на Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, националните паркови, Министерството за земјоделство, шумарстово и водостпанство, Шумската полиција и други надлежни органи. АХВ е во постојана комуникација и соработка и со Факултетот за ветеринарсна медицина од Скопје, Ветеринарната комора, ветеринарните друштва, одгледувачите на животни и официјалните ветеринари, на соостаноците укажувајќи за обврските во однос на спроведување активности за рано откривање на болеста чума кај мали преживари. Упатен е апел одгледувачите веднаш да пријават до ветеринарните друштва и до официјалните ветеринари доколку забележат појава на симптоми на болеста, дури и кај едно животно. Сточарите секоја промена во однесувањето на животните (згомена температура, намален апетит, промени на очите, носот, устата и сл.) веднаш да ги пријават до ветеринарните друштва и до официјалните ветеринари. Исклучително внимателни да бидат и да не се обидуваат да ги лекуваат животните сами.

Доколку има пцовисување животни на фармите, тие да не се прикриваат, туку задолжително да се пријават. Од фармите во кои некое од животните ќе покаже симптоми на болеста не смее да се изнесуваат животните, производи од животинско потекло, опрема, измет и ѓубре.

Во случај на сомнеж или потврда на болеста, ќе се применуваат мерките од планот за итни мерки и од оперативниот прирачник за чума кај малите преживари на Агенцијата за храна и ветеринарство. Со планот и со оперативниот прирачник се уредуваат постапките и активностите што треба да се спроведат и применуваат во согласност со Законот за ветеринарното здравство и одлуката за планови за итни мерки кај животните. Со овие документи се овозможува ефикасно и ефективно спроведување на мерките за заштита и контрола на приемчивата популација животни – овци и кози, како и брза процена за ограничување или отстранување на ризикот за внесување и ширење на вирусот.

Болеста чума кај малите преживари претставува вирусно заболување кај козите и овците, предизвикано од вирусот morbilli, од фамилијата парамиксовируси, и предизвикува големи економски штети. Заразувањето (морбидитетот) на приемчивите животни може да биде од 90 до 100 %, а стапката на смртност (морталитет) се движи помеѓу 50 и 100 % и е особено изразен кај подмладокот.

Болста не е зооноза, односно луѓето не се приемчиви на вирусот и нема опасност за нивното здравје.

Болеста чума кај малите преживари е една од најзаразните болести кај малите преживари. Може да се пренесе и на крупните преживари, но кај нив не предизвикува никакви симптоми.

Инфекцијата обично се случува преку директен контакт меѓу приемчивите и заразените животни. Во раните фази на инфекцијата, кога животните имаат покачена телесна температура, сите телесни секрети и екскрети се високо контаминирани. Преносот на болеста преку воздух е брз кај соседните стада.