
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение до Основниот суд во Скопје против едно лице за кривично дело – Телесна повреда по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот, на 21 јуни, во семејниот дом во скопската населба Драчево, извршил насилство врз неговата малолетна ќерка родена во 2021 година, нанесувајќи ѝ телесни повреди.
Како што информира Обвинителството, инцидентот се случил додека мајката приготвувала јадење, а оштетеното дете си играло со своите сестри. Во еден момент, девојчето се качило на креветот во дневната соба за да земе играчки, што предизвикало реакција кај обвинетиот, кој започнал да ѝ се обраќа со груби навреди.
Потоа следело физичко насилство – таткото ја удрил со шлаканици по лицето, нанесувајќи ѝ набиеници и гребаници со крвни подливи. Освен физичкиот напад, тој продолжил и со сериозни вербални закани, изјавувајќи дека ќе ја убие.
Со оглед на тоа што и понатаму постојат законски основи и околности кои укажуваат на опасност од бегство и можност за повторување на кривичното дело, јавниот обвинител, заедно со обвинението, поднесе и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.