
По три дена интензивна борба со огнените јазици со учество на над 400 пожарникари, пожарот на грчкиот остров Хиос, утрово е без активно жариште, а според Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео, заклучно со вчера изгорена е површина од над 6.000 хектари, јави дописничката на МИА од Атина.
Според локалните медиуми од островот, рано утрово со помош на воздушните средства биле изгасени и последните помали жаришта, меѓутоа противпожарните служби остануваат на Хиос и се во состојба на готовност за да се избегнат евентуални нови разгорувања.
Порталот Метео на Националната опсерваторија во Атина, повикувајќи се на последните податоци од Службата за брзо мапирање „Коперник“ и Европската опсерваторија за шумски пожари, денеска објави дека до понеделникот наутро пожарот зафатил околу 2.210 хектари и 4.090 хектари до вчера наутро.
На Хиос интервенираат вкупно 444 пожарникари со 85 возила, 21 пешадиски тим, 30 волонтери, како и авиони и хеликоптери, а противпожарните сили во изминатите денови беа зајакнати со пожарникари од Атина, Солун, Кавала и Лезбос.
Во неделата напладне избувнаа три различни шумски пожари на островот, околу полноќ уште еден, додека пак во понеделникот наутро избувна и петти пожар, за што министерот за цивилна заштита и климатски кризи на Грција Јанис Кефалојанис коментираше дека „не е случајно“.