
Соопштение на Левица:

Демантот на Министерството за внатрешни работи не е ништо повеќе од обид да се покрие трагата со бирократски реченици и празни формулации, наместо со докази да одговори на суштинските прашања.Тоа е класична тактика на одбегнување одговорност, стара колку и самото ДПМНЕ – кога ќе ги фатат во местење, се кријат зад процедури што сами си ги пишуваат и толкуваат по потреба.
Непобитни се фактите дека:
– Пет месеци целиот Пелагониски регион беше оставен без испитен центар;
– Лиценцата ѝ е доделена на фирма регистрирана само неколку месеци пред конкурсот;
– Директор на новиот оператор е функционер и активен член на ДПМНЕ;
– Првиот конкурс е поништен без објаснување, што му овозможило на „Супер возач” дополнително време за подготовка;
– Ниту една конкурсна документација не е јавно објавена, ниту пак граѓаните имаат увид во тоа како и врз кои критериуми била донесена одлуката.
Според податоците објавени во сторијата на медиумот „360 степени”, лиценцата на претходниот оператор за Пелагонискиот регион истекла на 15 декември 2024 година. Кон крајот на ноември бил распишан првиот конкурс за избор на нов оператор, на кој се пријавиле и двете компании – „СИЦ АМ” и новоформираниот „Супер возач”, но конкурсот бил поништен без образложение.
Од СИЦ АМ, пак, за медиумот 360 степени изјавиле дека се пријавиле и на првиот и на вториот конкурс, но дека во ниту еден случај не добиле образложение за одбивањето.
Иако Министерството тврди дека изборот бил спроведен „согласно правилниците”, јавноста нема никаков пристап до конкурсната документација, критериумите за бодирање, ниту до записниците од работата на комисијата. Дури и објавите за јавните конкурси моментално не се достапни ниту на веб-страницата на МВР, ниту на други релевантни платформи.
Дополнително, избраната фирма „Супер возач” е формирана само три месеци пред распишувањето на првиот конкурс, со сопственичка структура поврзана со функционер на ДПМНЕ. Фирмата што е нејзин сопственик, „Стрит рајд” од Кичево, била регистрирана неколку дена пред тоа. Ова отвора сериозни сомнежи за однапред планиран избор, а не транспарентна постапка заснована на реална проценка.
Наместо формално повикување на правилници, Министерството должи одговори на јавноста:
– Зошто конкурсот бил поништен?
– Зошто вториот конкурс бил распишан во момент кога новоформираната фирма веќе имала време да се „усогласи” со критериумите?
– Како се бодирале пријавите и зошто не постои јавно достапна бодовна листа?
– Зошто нема никакви јавно достапни документи – од конкурсни објави до решенија за доделени лиценци?
Јавноста има право да ги види сите документи. Затоа, бараме МВР итно и без одлагање јавно да ги објави:
Двете објави за јавен конкурс,
Комплетната конкурсна документација,
Записниците и бодовните листи од работата на комисијата,
Решенијата за доделување и одбивање на лиценци,
Кореспонденцијата со пријавените субјекти.
Сѐ додека ваквата документација останува сокриена, демантите на МВР немаат никаква тежина. Нетранспарентноста, контрадикторните изјави и сомнителниот тајминг само го засилуваат впечатокот дека целиот процес бил однапред наместен за да заврши во рацете на блиски до власта.
Ако нешто не изненадува во целата оваа приказна, тоа е препознатливиот потпис на ДПМНЕ – местење, внатрепартиски договори и институции ставени во служба на партијата. Дополнителна потврда за тоа се и партиските списоци за вработувања што испливаа во јавноста, составувани во штаб, каде Филип Митрески (управител на „Супер возач”) е прв на листа за вработување во РЕК Осломеј во Кичево.