Skip to main content
Скопје

Пронајдено женско куче затворено во напуштен автомобил, оставено без вода, храна и провев 

23/06/2025  15:00

На територија на Скопје беше пронајдено младо женско куче на возраст од приближно една година, затворено во напуштен автомобил – без вода, храна или провев, изложено на екстремни температури и во загрижувачки услови информираше ЈП Лајка. Ваквата инфорамација следи по пријава од граѓани.

„Благодарение на навремена реакција, животното е извадено и моментално е во процес на опоравување. Се работи на стабилизирање на нејзината психофизичка состојба, а случајот е пријавен до надлежните институции. Според сведоштва од жители на местото, ова не е прв пат истото лице да држи животни во вакви услови. Претходно, биле забележани уште две кучиња од расата кане корсо кои исто така биле чувани во запуштени, нехумани услови“, се вели во соопштението.

Станува збор за континуирано и сериозно кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните, кое бара итна реакција од институциите.

„Апелираме до надлежните органи да постапат со целосна сериозност и да преземат мерки за да се спречи понатамошно загрозување на животните од страна на ова лице.

Потсетуваме дека затворање на кучиња во автомобили, особено во лето, може да доведе до фатални последици за само неколку минути. Граѓаните кои имаат информации за случајот или други слични примери ги охрабруваме да се јават и да помогнат во борбата против насилството врз животни“, потенцираат од Лајка.