Skip to main content
Македонија

ИНРМ: Броилата мора да се видливи – ЕВН се соочува со казни до 3.000 евра

23/06/2025  09:08

Согласно новиот Закон за енергетика кој стапи на сила на 29 мај 2025 година, операторот на електродистрибутивниот систем е должен да овозможи визуелен пристап на потрошувачите до мерните уреди. Поставувањето на броила на височина недостапна за поглед, зад метални врати, во заклучени простории или во кутии кои не дозволуваат читање на податоците, претставува прекршување на член 164 од законот и е основ за санкционирање.

Законот предвидува глоба од 1.000 до 3.000 евра за операторот доколку не обезбеди можност корисниците да го видат броилото што го регистрира нивното секојдневно трошење на електрична енергија. Ваквата регулатива има цел да обезбеди транспарентност и контрола, а со тоа и заштита на потрошувачите од евентуални злоупотреби при фактурирањето.

До надлежните инспекциски тела веќе е поднесено официјално барање за потврда кој инспекторат е конкретно надлежен за постапување и санкционирање во овие случаи – Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини или Државниот пазарен инспекторат. По добивањето на одговорот, јавноста ќе биде информирана кој орган е надлежен за примање и обработка на претставки во случај на оневозможен пристап до броилата.

Во меѓувреме, сите потрошувачи имаат право и причина да поднесат претставка доколку немаат визуелен увид во својот мерен уред. Законот е дециден – броилата, иако се во сопственост на операторот, се дел од јавното снабдување и мора да бидат достапни за проверка. Неовозможувањето пристап не е техничко прашање, туку правна повреда која предизвикува директна штета по интересот на потрошувачите, велат од Здружението на инженери на Република Македонија.