
Македонија се соочува со економска криза каква што не е видена со децении. Живеачката станува неподнослива, а граѓаните се оставени сами пред ударот на енормните цени, падот на куповната моќ и луксузот на функционерите. Ова го истакна Венко Филипче на трибината „Македонија понижена – Една година Влада”.

– Она што најмногу тежи е неподносливата економска состојба и тешката живеачка.
ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ја втурнаа државата во економска криза, го закочија растот на платите и ги оставија трговците и моќниците да прават што сакаат со цените. Парното поскапе, цената на струјата дивее. Граѓаните се плашат да ги отворат сметките за да проверат колку треба да платат секој месец, рече Филипче.
Тој додаде дека, и покрај секојдневното уверување од страна на власта дека економијата расте, бројките покажуваат поинаква слика.
– Секојдневно нè убедуваат дека имаме силен економски раст, но реалните бројки се брутални. Инфлацијата е речиси 4.5%, а растот скромни 2.6%. За првпат имаме негативен економски резултат, полош и од воената 2001 година.
Граѓаните живеат на раб на достоинство, додека функционерите на Мицкоски и тој самиот се расфрлаат со луксуз – приватни авиони, скапа храна и хотели од соништата, посочи Филипче.
Тој нагласи дека македонскиот народ никогаш не барал лесен живот, но барал чесен однос и вистина.
– Македонскиот народ никогаш не живеел лесно. Сме се бореле со сиромаштијата низ годините, сме се бореле за опстанок. Но, она што сега најмногу боли е леснотијата со која Владата нè убедува дека се живее добро.
Дека живееме во земја „економски тигар” која е четврта во Европа. Дека платите се добри и куповната моќ е голема, поголема од европските земји. Но, реалноста е сосема друга. Платите се најниски во Европа и по седум години престанаа да растат. Животниот стандард е најлош во Европа.
Ова не го тврди СДСМ – ова се погубни статистички податоци од најреномираните европски институции, истакна Филипче.