Skip to main content
Свет

Медведев: По нападите на САД врз Иран, некои земји се подготвени да му испорачаат нуклеарно оружје на Иран

22/06/2025  15:35

По нападите на САД врз Иран во текот на ноќта, некои земји се подготвени да му го предадат своето нуклеарно оружје на Техеран – напиша на Телеграм каналот заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев.

– Повеќе земји се подготвени директно да го снабдат Иран со своето нуклеарно оружје – рече Медведев.

Тој рече дека американскиот претседател Доналд Трамп требало да биде миротворец, но дека започнал нова војна.

Нагласи дека „апсолутното мнозинство земји во светот се против постапките на Израел и САД“.

– Со таков успех, Трамп никогаш нема да ја види Нобеловата награда за мир, дури и покрај подмолноста на оваа номинација. Добар почеток, честитки, господине претседателе – рече Медведев.

Според него, по нападот врз Иран, САД се нашле вовлечени во нов конфликт што може да доведе до копнена интервенција. Медведев е уверен дека Иран ќе ја продолжи својата нуклеарна програма по нападите на САД и дека клучната инфраструктура не е сериозно оштетена.

– Што постигнаа Американците со нивниот синоќешен напад врз три точки во Иран? Клучната инфраструктура на нуклеарниот циклус, очигледно, не е оштетена или е оштетена само малку – рече Медведев.

Тој посочи дека збогатувањето на нуклеарни материјали и идното производство на нуклеарно оружје ќе продолжат.

Американскиот претседател Доналд Трамп рано изутрината соопшти дека САД синоќа нападнале три постројки за збогатување ураниум во Иран и дека сите три постројки се целосно уништени. Според него, постигнат е „спектакуларен воен успех – објави „Би-би-си“. Нуклеарните постројки кои изминатата ноќ беа цел на американските бомбардери се Фордо, Натанц и Исфахан.