
Пингпонгарката Бојана Јовевска од Пехчево освои златен медал на Меѓународниот турнир во пинг понг Приштина Опен 2025. Јовевска се натпреваруваше во категорија за пингпонгарки до 13 години во која е и Државен првак на Македонија.
Младата пехчевка со пинг понг започнала да се занимава во својот роден град, но по престанувањето со работа на клубот, тренира во ППК „Зегин” во Берово, каде со макотрпна работа под водство на тренерот Јован Ковачовски ги бележи најдобрите резултати.
-Јас претходно тренирав во Пехчево во мојот град. Но клубот таму се растури и јас сакав да продолжам. И наидовме на клубот ППК Зегин Берово. Јас се запишав таму и тренирам веќе 2,5 години. Одиме често на натпревари сега е сезоната. Најголема желба ми беше да отидам на Балканско првенство. Инаку до 13 години јас сум Државен првак на Македонија во пинг понг, изјави Јовевска за МИА.
На турнирот во Приштина денес свој настап ќе имаат и останати претставници на клубот од Берово, кој по само неколку години од формирањето има постигнато одлични резултати.
-Денес продолжуваме во У 11 категорија, со Јован, Филип, Марко и Михаела, а во Сениори од македонската екипа останаа Изабела Ковачовска и Амелија Уце, кои влегоа во 16-те најдобри и денес играат осмина финале, додаде тренерот Ковачовски.
Оттаму се заблагодарија за поддршката на сите кои помогнаа претставниците од клубот од Берово да настапат на овој реномиран меѓународен турнир.