Skip to main content
Свет

Иранскиот шеф на дипломатијата утре ќе се сретне со Путин

22/06/2025  15:07

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, на прес-конференцијата потврди дека денеска патува за Москва, каде утре ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

Говорејќи во Истанбул, Аракчи рече: „Одам за Москва попладне, а утре наутро имам средба со претседателот Путин“.

Тој додаде дека Иран и Русија се долгорочни партнери, опишувајќи ја Москва како пријател на Иран со кој редовно се консултираат.

Во продолжението на конференцијата Аракчи рече дека во текот на преговорите никогаш не им верувал на западните земји, а денес има уште повеќе причини за недоверба.

„Сега треба уште помалку да му веруваме на Западот“, рече тој.

Ги повика сите актери да го почекаат одговорот на Иран пред да се обидат да го рестартираат дипломатскиот процес.

На прашањето за комуникација со САД, Аракчи потврди дека пред нападот водел индиректни преговори со главниот преговарач на Трамп, Стив Виткоф.

„Кога разговорите беа прекинати поради американската агресија, продолживме да добиваме пораки од Американците преку различни канали, особено преку Оман“, рече тој.

Оман со години дејствува како посредник меѓу Вашингтон и Техеран, особено во моменти на зголемена тензија.

Аракчи на прес-конференцијата најави натамошни дипломатски активности по средбата во Москва.