Skip to main content
Живот

Оваа грешка со климата може сериозно да го загрози вашето здравје – а речиси сите ја прават секое лето

21/06/2025  11:35

Со доаѓањето на високите летни температури, употребата на клима-уредите станува неизбежна – и во автомобилите, и во канцелариите, па дури и во домовите. Но, колку и да ни носат олеснување, нивната неправилна употреба може да има сериозни последици врз здравјето.

Еден од најчестите здравствени проблеми поврзани со клима-уредите е воспалението на синусите, состојба што може да се појави од повеќе причини – а голем дел од нив се поврзани токму со лошо одржување и неправилна поставеност на уредот.

Како доаѓа до воспаление на синусите?

Синусите се празнини во коските на черепот обложени со слузокожа, чија задача е да го навлажнат, загреат и прочистат вдишениот воздух. Сепак, кога воздухот од климата е пресув, премногу студен или загаден поради нечисти филтри, слузокожата се суши, станува подложна на инфекции и воспаленија.

Најчести причини за воспаление на синусите поради клима-уред се:

Пресув воздух: Клима-уредот го суши воздухот во просторијата, што води до сушење на слузокожата на носот и синусите, правејќи ги ранливи на бактерии и вируси.

Загадени филтри: Ако филтрите не се чистат редовно, во нив се таложат прашина, мувла, бактерии и алергени кои потоа се враќаат во воздухот што го вдишуваме.

Ниска температура: Долготрајно изложување на ладен воздух може да го ослаби имунитетот и да создаде услови за воспалителни процеси.

Кои се симптомите на воспаление на синусите?

Симптомите може да бидат од благи до многу изразени, и најчесто вклучуваат:

Главоболка, особено во пределот на челото, очите и образите, што се засилува при наведнување.

Болка во пределот на лицето – при допир или при промена на положбата на телото.

Запушен нос или обилно течење од носот.

Болка во грлото и сува кашлица – како резултат на секретот што се слева по грлото.

Малаксаност и болки во мускулите.

Повишена телесна температура (особено ако причината е бактериска инфекција).

Како се лекува воспалението?

При појава на симптоми, неопходно е навремено да се побара стручна помош од оториноларинголог. По прегледот и поставената дијагноза, лекарот ќе препише соодветна терапија, која може да вклучува:

Антибиотици (доколку причината е бактериска инфекција),

Антиинфламаторни и аналгетски средства,

Иригација (испирање) на носот со физиолошки раствор,

Капки или спрејови за нос за одржување на влажноста на слузокожата.

Превенција – што можете да направите?

Редовно чистете ги филтрите на клима-уредите.

Одржувајте умерена температура (идеално околу 24-26 °C).

Користете овлажнувач на воздух или поставете отворен сад со вода во просторијата.

Избегнувајте директно изложување на ладен воздух.

Правилната употреба на клима-уредите не само што ја зголемува удобноста, туку и го заштитува вашето здравје од непотребни компликации во најтоплиот период од годината.