
Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, по целосно спроведени две дисциплински постапки и испитани факти и околности, ги прифати предлозите поднесени од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и одлучи дека Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје и уште еден јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје сториле тешки дисциплински повреди од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, односно намерно и неоправдано направиле крупни професионални грешки.
Врз основа на изведените докази, Комисијата утврди дека јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, против кого се водеше една постапка, нестручно и несовесно постапил во 4 предмети во кои се откажал од жалба или обвинение. За ова на овој јавен обвинител изречена му е дисциплинска мерка – намалување на плата во висина од 30% од платата во траење од 6 месеци од правосилност на решението.
За Вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје, пак, се водеа две одвоени дисциплински постапки. Во едната од Комисијата утврди дека е одговорен поради констатирани неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје, а во другата за нестручните одлуки донесени во три од наведените предмети, бидејќи пред него биле реферирани и со негова согласност биле донесени одлуките. Со оглед на утврдените тешки дисциплински повреди во двете постапки одлучено е до Советот на јавните обвинители да биде поднесен предлог за разрешување на Вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје.
Единствено во однос на наводите за сторена уште една тешка дисциплинска повреда од Вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје кои се однесуваа на нарушување на угледот на Јавното обвинителство, Комисијата одлучи дека постои застареност на предлогот.