Skip to main content
Економија

Да се искористат деновите без врнежи за финализирање на сеидбата, апелираат агрометеоролозите

26/10/2026  10:54

Земјоделците максимално да ги искористат деновите без врнежи за финализирање на сеидбата и засадувањето на отворено. Успешното презимување на културите директно ќе зависи од паметното менаџирање со преостанатата топлина и влага во почвата, велат агрометеоролозите од УХМР.

Воедно предупредуваат дека во овој период, примарниот фокус треба да биде ставен на превентивна есенска заштита – дезинфекција за намалување на инфективниот потенцијал, зашто, како што објаснуваат, поради високата релативна влажност на воздухот се создаваат услови за развој и презимување на фитопатогени организми.

-Крајот на октомври носи големи промени во земјоделството. Ова е клучен преоден период во кој се финализираат есенските активности и се реализира сеидбениот план за некои озимни култури, за успешно да се адаптираат пред зимските ниски температури. Успешното презимување директно ќе зависи од правилно соодветните сеидбени норми и паметното искористување на преостанатата топлина и влага во почвата. Сеидбата кај јачменот, ‘ржта и пченицата е при крај, со цел наведените култури да формираат стабилен и моќен коренов систем пред појавата на првите силни мразови. Во градинарството се садат култури кои се отпорни на студ. Се расадува есенска зелена салата (во фаза од 3–4 листа) и директно се сеат спанаќ, рукола. При крајот на месецот се сеат морков, магдонос, нагласуваат агрометеоролозите.

Во овоштарството, додаваат, овој период нуди идеални агроеколошки услови (одлична температура и влажност на почвата) за засадување нови насади со јаболка, круши, сливи и зрнестото овошје – бобинки, со што се осигурува квалитетно вкоренување на садниците пред настапувањето на зимскиот период на мирување.