Skip to main content
Македонија

ВНИМАВАЈТЕ: Ни следуваат бурни атмосферски процеси, можни се поројни поплави!

20/06/2025  09:15

Метео анализа на Славчо Попоски:

Плиткиот циклонски систем кој се наоѓа над Тиренско Море, во текот на денешниот ден (петок 20 јуни) полека ќе се поместува источно и југоисточно, односно кон Јонското Море. Тому ова ќе услови ново поголемо дестабилизирање на атмосферата кај нас и формирање на фронтални влажни бранови. Во ваква ситуација, денес (петок 20 јуни) на многу места во нашата Република Македонија ќе се развиваат грмотевични конвективни облачни јадра од кои очекувам појава на поројни врнежи од дожд, грмежи и силен ветер во зоната на нестабилноста.

Локално пак ќе има појава на нови временски непогоди, проследени со обилен пороен дожд кој може да услови  нови локални поројни поплавувања, олуен ветер, силни електрични празнења  и со појава на град кој би можел да биде крупен. И во делови од Скопскиот регион денес (петок 20 јуни) ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, силен ветер и со услови за појава на ново невреме.

Температурите нема многу да се менуваат во споредба од оние кои ги имавме изминатите денови.

Апелирам, во случај на појава на невреме  и на електрични празнења, граѓаните да обратат поголемо внимание, односно да не се претстојува на отворен простор  и под осамени дрвја. Исто така во случај на појава на силен ветер, граѓаните да не ги ставаат своите автомобили во близина на дрвјата, особено оние дрвја кои се стари и осамени.

На следниот линк можете да ја следите алатката за рано предупредување од невреме НОТАС, и истата е од голема корист на секој граѓанин https://nothas.finki.ukim.mk/