
Организацијата „Супорт Кочани“ денеска ја презеде првата пратка со компресивни костуми наменети за повредените лица од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Костумите се испорачани од специјализираната компанија „Хелт2000“ од Бугарија, а на примопредавањето присуствуваа и претставници на германскиот производител „Јузо“.
Компресивните костуми се од исклучително значење за пациентите со тешки изгореници и трансплантирана кожа. Според „Супорт Кочани“, ваквиот вид облека обезбедува постојан притисок врз зафатените делови од телото, спречувајќи деформации, трајни оштетувања и инвалидитет. Особено е важно носењето на овие специјални медицински костуми за заштита на нервните завршетоци и одржување на виталните функции во делови како што се прстите, зглобовите и екстремитетите.
„Без овие костуми, некои од повредените се изложени на сериозен ризик од компликации и долготрајни последици“, соопштија од организацијата, нагласувајќи дека ова е само првиот чекор од пошироката акција за обезбедување неопходна медицинска помош за повредените.
Супорт Кочани“ најавува дека следуваат нови пратки и додатна поддршка за пациентите, во соработка со меѓународни партнери и донатори.