Skip to main content
Свет

Израелската национална авиокомпанија „Ел Ал ерлајнс“ ги откажа летовите до 23 јуни

15/06/2025  16:48

Израелската национална авиокомпанија „Ел Ал Ерлајнс“ соопшти дека ги откажува летовите до голем број европски земји до 23 јуни поради тековниот конфликт со Иран, објави „Тајмс оф Израел“.

Ограничувањето ќе важи сè додека безбедносната ситуација не стане појасна, соопшти „Ел Ал“. Во меѓувреме, компанијата  работи на тоа да им овозможи на заглавените патници во странство да се вратат дома.

– Ги разбираме тешкотиите, неизвесноста и стресот што го доживуваат клиентите на „Ел Ал“ во странство кои сакаат да се вратат во Израел, како и клиентите чии планови се нарушени. Откако ќе добиеме одобрение од надлежните безбедносни и воздухопловни власти, ќе направиме сè што е во наша моќ за да обезбедиме што е можно повеќе Израелци да можат да се вратат дома. Постепено ќе го продолжиме нашиот редовен распоред на летови и со летови од дестинации блиску до Израел“, се вели во соопштението од авиокомпанијата.

Во меѓувреме, Советот за национална безбедност на Израел предупреди да не се патува во Израел преку Египет и Јордан, иако границите се отворени.

– Препорачуваме Израелците кои моментално се во странство и очекуваат да се вратат во земјата да чекаат ажурирани информации од Министерството за транспорт, се вели во соопштението за медиумите на Советот за национална безбедност.