
Индиските власти започнаа целосна истрага за падот на патничкиот авион на Ер Индија што се урна кратко по полетувањето од Ахмедабад.

-Во падот загинаа 241 од 242 патници и членови на екипажот, потврдија вчера официјални лица. Авионот, кој леташе од Ахмедабад до Лондон, се урна во густо населена станбена област, предизвикувајќи пожар и голем број цивилни жртви на земја, вклучувајќи неколку студенти кои биле во блискиот студентски дом на медицинскиот колеџ.
Индискиот премиер Нарендра Моди го посети местото на падот и болницата во Ахмедабад каде што се лекуваат повредените, и треба да одржи итен состанок со врвните безбедносни и транспортни службеници подоцна во текот на денот.
Министерот за цивилно воздухопловство Рам Мохан Наиду изјави дека Бирото за истрага на воздушни несреќи отворило формална истрага во согласност со меѓународните стандарди утврдени од Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO).
Се очекува да пристигне американски истражен тим, вклучувајќи претставници од Националниот одбор за безбедност на сообраќајот (NTSB), Федералната администрација за воздухопловство (FAA), Боинг и Џенерал Електрик.
Единствениот преживеан патник е идентификуван како Вишваш Кумар Рамеш и моментално е во болница. Според докторот Давал Гамети, Рамеш има повеќекратни повреди, но неговиот живот е надвор од опасност. Тој рече дека авионот почнал да губи висина кратко по полетувањето, а потоа одеднаш се преполовил пред да експлодира.
Во несреќата учествувал 12 години стар Боинг 787 Дримлајнер. Иако причината за несреќата сè уште е под истрага, експертите велат дека ова е првата фатална несреќа на моделот откако стапил во употреба пред 16 години. Моментално има околу 1.200 вакви авиони во употреба низ целиот свет.