
Полицијата приведе три лица, меѓу кои и познатиот бизнисмен Ристо Крмзов (Р.К.), во рамки на истрагата за злоупотреби и даночно затајување што, според проценките, ја оштетила државата за околу 15 милиони евра. Акцијата е спроведена под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), чиј јавен обвинител ја координирал операцијата.
Од ОЈО ГОКК соопштија дека покрај Крмзов се „обезбедени“ уште две лица поврзани со предметот, за кој уште во септември минатата година била отворена предистражна постапка. За утре во 11:00 часот, во Конференциската сала на обвинителството е најавен брифинг на кој ќе се изнесат деталите за кривичните дела и преземените дејствија.
Министерството за внатрешни работи (МВР) утрово ја потврди информацијата:
„По насоки од јавен обвинител, лицето Р.К. е лишено од слобода“, стои во соопштението на МВР.
Истрагата, позната како „Крмзов“, е пред завршување. Уште во ноември лани премиерот Христијан Мицкоски најави дека наскоро ќе бидат објавени детали за милионски злоупотреби поврзани со поврат на ДДВ. Пред тоа, во септември, во координирана акција во Струмица, Скопје и Гостивар беа приведени четири лица под сомнение за даночна измама и перење пари; три беа сослушани, а за едно беа изречени мерки на претпазливост.
Според досегашните наоди, повеќе милиони евра од Еуростандард банка биле трансферирани на сметки во Турција, а истрагата се проширува и кон неколку струмички компании вклучени во финансиската шема на Крмзов.