
Во центарот на Лос Анџелес продолжуваат судирите меѓу демонстрантите и полицијата, а полицијата предупреди дека ќе одговори со соодветна сила доколку демонстрантите употребат „запаливи средства“.

Бројот на демонстранти на улиците на Лос Анџелес е намален, но некои групи сè уште се судираат со полицијата, додека сообраќајот е прекинат, а чад се издига од автопатот 101.
Јужните ленти на автопатот 101 се затворени до понатамошно известување поради протестите, објави полициската управа на Лос Анџелес на Х.
Си-Ен-Ен објави дека има снимка на која се гледа како полицијата употребила шок бомби додека напредува кон демонстрантите кои мавтале со мексикански и американско знамиња.
Најмалку 300 припадници на Националната гарда на Калифорнија беа распоредени на три локации во областа на Лос Анџелес, додека 500 маринци се во состојба на „подготвеност за распоредување“ во база на околу 230 километри источно од Лос Анџелес.
Американскиот претседател Доналд Трамп го бранеше распоредувањето на трупи на Националната гарда – без барање од гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом – како неопходно со цел да се зачува „законот и редот“.
Гевин Њусом изјави дека акциите на Трамп се „нелегални“ и „неморални“, и се закани дека ќе ја тужи администрацијата.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, изјави дека „она што го гледаме во Лос Анџелес е хаос што е испровоциран од администрацијата“ и ги повика демонстрантите мирно да протестираат.