Јованоски: Нема нови жаришта во Прилеп, но мерките за претпазливост остануваат

 Прилепскиот кризен штаб денеска ја разгледа ситуацијата со заразата од корона вирусот. Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, градот има три нови случаи на заразени, а двајца новоозравени.

-Во текот на изминатото деноноќие се регистрирани три нови случаи на заразени со коронавирус и два оздравени. Во моментов на инфективното оддление во градската болница, се хоспитализирани 21 пациент, од нив позитивни се 16, а за пет се чека резултат. Триесет и шест граѓани се на домашно лекување. Вкупно, од почетокот на пандемијата,193 наши сограѓани се заразиле со коронавирусот, од нив 63 се активни случаи, а се оздравени 118 лица и има12 смртни случаи. Вкупната бројка на извршени тестови изнесува 906, изјави Јованоски.

Јованоски децидно ги отфла секаквите паушални, тенденциозни изјави за нови жаришта во градот.

-Никој нема право, да стигматизира и да дискриминира една етничка заедница, дека токму тие се најпогодени од коронавирусот, во случајот Ромите од населбата Тризла. Сакам да потенцирам од болеста подеднакво се погодени граѓаните од сите етнички заедници: Македонци, Роми, Турци и останатите, изјави Јованоски.

Прилеп продолжува со спроведувањето мерки за заштита на колективното здравје на граѓаните. наредниов викенд градот ја продолжува акцијата за дезинфекција на улиците, јавните површини и на зградите во градот.

Јованоски информира дека комплетно е завршена постапката за субвенционирање на инвертор клими и за набавка на велосипеди.

-Во текот на следната недела, Општината на трансакционите сметки на сите граѓани кои ги исполниле условите на Јавниот повик, ќе им ги префрли средставата за набавените клими и велосипедите. Во текот на наредната недела, ќе ја распределиме донацијата од 100 таблет- компјутери, кои тетовското семејство Дестани преку компанијата „Еколог”, ги донираше за учениците од социјално загрозените семејства од Прилеп, рече Јованоски.

Јованоски ја нагласи пораката до граѓаните да се придржуваат до мерките и препораките на Владата, на Министерството за здравство и на Комисијата за заразни болести и да не се злоупотребува олабавувањето на мерките.  Јованоски со порака до граѓани од над 67-годишна возраст, особено оние со хронични болести, и покрај олабавувањето на мерките, што помалку да ги напуштаат своите домови и на тој начин да се заштитат себеси и своите семејства.

Треба да знаете
Последни објави