
Се подобрува здравствената состојба на Владимир Блажев-Панчо, член на бендот ДНК, кој имаше тешки повреди и беше хоспитализиран во болницата „Систина“, објави „Скопје1“.

Според неофицијални информации на порталот, по повеќе од 40 дена на интензивна нега и под апарати, сега е преместен на оддел, каде и натаму ќе се третираат неговите повреди односно изгорениците по телото и на дишните патишта. Тој е веќе 46 дена на болничко лекување, првично беше сместен на Клиничкиот центар во Скопје, а потоа, преместен во „Систина“.
Обвинителството на 21 март соопшти дека и Блажев-Панчо е осомничен за пожарот во дискотеката „Пулс“, а поради внесување на пиротехниката.
„За внесување и употреба на пиротехничките средства е осомничен и еден член на музичката група. Постои сомнение дека членовите на бендот околу 02:32 часот како дел од сценскиот настап и ефект ги активирале експлозивните материи – пиротехнички фонтани кои исфрлале искри во правец на плафонот над сцената од кои веднаш се опожарил кровниот дел од објектот и пожарот се проширил по целиот објект“, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.