
Студентското движење „Студенти во блокада“ денеска нагласи дека изборниот процес сè уште трае и оти на нив е да го обезбедат секој мандат со цел идната српска власт да биде уште постабилна и посилна.
„Признавањето на поразот од страна на режимот во заминување не ги заменува законските и институционалните процедури. Не е на нас да им судиме на оние кои ги кршеле човековите права и ги заробиле институциите, туку тоа е работа на институциите кои, по формирањето на власта, ќе ги ослободиме“, нагласија студентите.
Тие нагласија дека нивната победа не значи крај, туку почеток на долг процес на обнова на Србија.
„Секој што не му згрешил на својот сосед нема причина за страв. Оние кои ѝ згрешиле на државата и на нашето општество институционално ќе одговараат кога ќе се формира власта и кога нашите кандидати ќе положат заклетва во Народното собрание“, соопшти движењето.
„Студентите во блокада“ повторија дека секој чија вина ќе биде докажана ќе одговара пред законот. Со тоа ќе почне процесот на рехабилитација на Србија и воспоставување функционални институции кои ќе работат за народот, а не за лични и партиски интереси.
„Ја разбираме еуфоријата, нетрпеливоста и насобраниот гнев. Знаеме дека очекувате правда и затоа ве уверуваме дека ќе ја има, дека институциите конечно ќе почнат да си ја вршат својата работа и дека нашите идни народни пратеници ќе се залагаат за сите вас“ се вели во соопштението.
Тие предупредуваат дека „режимот во заминување ќе направи сè за да ги прикаже во лошо светло, од поттикнување и провокации до предизвикување инциденти“. Сепак, како и досега, нема да паднеме на нивните евтини трикови. Ќе продолжиме да го негуваме достоинството и чесноста кои ја одбележаа нашата борба, додаваат тие.
„Нашата борба е ненасилна. Во тоа истрајувавме досега и обезбедивме победа. Сега е неопходно да ја зачуваме зрелоста и достоинството што ги негува нашето сенародно движење. Ви благодариме за довербата, трпението и достоинството што ги покажавте. Сакаме да ги видиме вашите насмеани лица, како во Паркот на пионерите, така и во секое соседство, бидејќи знаеме колку, како и ние, дадовте за оваа победа“, нагласи движењето.


