Skip to main content
Балкан

Вучиќ го осуди упадот во „Информер“ и ги обвини ЕУ и новинарските здруженија за молк

26/10/2026  22:18

Српскиот претседател Александар Вучиќ остро го осуди упадот на група граѓани во просториите на телевизијата „Информер“, оценувајќи дека станува збор за насилство и напад врз слободата на изразување и новинарството.

„Вечерва гледавме насилство без преседан, монструозно насилство. Упад во ‘Информер’, напад врз слободата на изразување, слободата на јавниот збор и слободата на новинарството“, изјави Вучиќ.

Во реакцијата тој упати критики кон Европската Унија и дел од новинарските здруженија, обвинувајќи ги дека молчат за инцидентот. Според него, реакциите би биле сосема поинакви доколку сличен напад се случел врз телевизијата Н1.

Вучиќ го критикуваше и носителот на Студентската листа, Илија Срдановиќ. Тој тврдеше дека Срдановиќ одбил да интервенира откако главниот уредник на „Информер“, Драган Ј. Вучиќевиќ, побарал помош за повлекување на собраните граѓани.

„Имаме работа со опасни и неодговорни луѓе кои мислат дека сите треба да се плашат од нив. Многу се излажале. Ние воопшто не се плашиме“, порача Вучиќ.

Осврнувајќи се на политичката состојба по изборите во Србија, тој оцени дека неговите политички противници не знаат како да се справат со изборната победа.

„Ни останува да се подготвиме за долга, тешка и мачна борба, од која ќе излеземе како победници“, порача Вучиќ.