Skip to main content
Македонија

Забрана за посети на хоспитализирани пациенти поради зголемен број случаи на грип

17/02/2025  19:34

Министерството за здравство воведува забрана за посети на хоспитализирани пациенти за да се спречи ширењето на грипот во болнички услови. Истовремено, здравствените установи се задолжуваат строго да го почитуваат куќниот ред, особено во однос на носење заштитни маски, дезинфекција на раце и одржување физичка дистанца каде што е можно.

Оваа одлука е донесена по препорака на Комисијата за заразни болести, а сите јавни здравствени установи се обврзани да ги спроведуваат мерките.

„Мерките се од исклучителна важност за здравјето на пациентите и здравствените работници, согласно актуелните епидемиолошки податоци кои укажуваат на пик на сезонскиот грип. Комисијата за заразни болести продолжува да ја следи епидемиолошката состојба во државата“, се вели во соопштението од Министерството за здравство.

Бројот на заболени од грип намален за 5,1%

Според податоците на Институтот за јавно здравје – Скопје, во периодот од 3 до 9 февруари 2025 година, пријавени се 2.880 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип. Ова е намалување од 5,1% во споредба со претходната недела.

Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките и да преземат сите неопходни мерки за заштита, особено кај ранливите категории на населението.