Skip to main content
Македонија

Основните продукти во маркетите драматично ќе поевтинат – Мицкоски очекува голем ефект од ограничувањето на маржите

12/02/2025  17:28

Премиерот Христијан Мицкоски очекува драматично намалување на цените на производите во супермаркетите со ограничувањето на малопродажната и големопродажната маржа за 10%, мерка која треба да се донесе утре на Владина седница, а ќе важи до 30 април.

Во рамки на посетата на општина Кавадарци, одговарајќи на новинарско прашање тој појасни дека на вчерашната владина седница добиле исцрпен брифинг од страна на министерот за економија и труд и извештај на Државниот пазарен инспекторат.

– Денеска се сретнавме во Собрание, предлогот го имам веќе во работна верзија, во текот на денот ќе се усогласува и очекувам на седница утре да биде донесен и да биде спроведен од страна на супер маркетите или хипермаркетите. Маржата малопродажна и големорподажна се ограничува на 10 проценти. Очекувам да има драматично намалување на цените на оние производи кои вистински ги користат граѓаните. Тие се проширени со производи за хигиена, бебешката храна, а опфатено е речиси се од тоа што граѓаните го користат – изјави Мицкоски.

Забележа на критиките на опозицијата за мерката супермаркетите и хипермаркетите на своите веб страници да ги ажурираат цените на производите.

– Донесовме заклучок иако наидува на потсмев кај опозициските глансоговорници, но и опозициските партии, сите супермаркети и хипермаркети на своите веб страници на дневна основа да ги ажурираат цените. Ако сега влезете не можете да прочитате кои се цените на производите. Тоа е пракса во некои земји во светот. Ако во еден ланец маркети еден производ чини х парички, а во друг чини х половина парички, како консумент ќе се подзамислам од каде да го купам тој производ и тоа ќе создаде конкуренција на едните со другите – додаде премиерот.

На вчерашната владина седница, посочи дека бил донесен заклучок Министерот за економија и труд да свика работна средба и координација со сите институции како Комисијата за заштита на конкурентноста и Државниот пазарен инспекторат и да излезе повторно на терен да ја прошират акцијата и на други трговски хипермаркети во делот на белата техника.