Потрагата по детето кое исчезна во Сава во Загреб продолжува и денеска. Во четвртокот, спасувачките служби го напуштија местото на настанот во вечерните часови бидејќи поради високиот водостој и слабата видливост повеќе не можеше да се пребара просторот околу реката.
Полициската управа во Загреб во четвртокот соопшти дека не се пронајдени траги. Спасувачките екипи со чамци, беспилотни летала и подводни скенери ја пребарале областа по целото течение на реката во Загреб и загрепската жупанија, пренесува Index.hr.
Потрагата започнала по повик на мајката (34) во средата околу 16.10 часот. Според сигурни извори, таа не кажала експлицитно дека го убила детето, но она што го кажала веднаш ја навело полицијата да се посомнева дека сторила кривично дело.
Таа меѓу изјавите навела дека во Сава влегла со детето во раце, а сето она што го кажала дополнително го потврдило сомнежот дека се работи за убиство на сопственото дете.
Според написите, изгледала дезориентирана, па била предадена на лекарската помош.
Полицијата врз основа на изјавите на мајката и состојбата ја исклучила можноста дека се случила несреќа во која детето паднало во реката. Облеката на мајката била мокра, што го потврдило нејзиниот престој во Сава, но исклучена е и можноста за обид за самоубиство со детето во раце.
Во еден момент, откако влегла во Сава со детето, таа очигледно го испуштила низ реката. Се уште не е јасно дали детето се удавило или веќе било убиено. Точната причина ќе ја утврди истрагата, но телото на детето се уште не е пронајдено.
Мајката беше официјално уапсена вчера и осомничена за тешко убиство. По притворот таа повторно ќе биде сослушана, овојпат пред обвинител. Семејството ангажирало адвокат кој подоцна објавил дека нема да ја застапува мајката, па таа ќе добие адвокат по службена должност.
Полицијата го испрашала и сопругот, како и неколку лица кои би можеле да помогнат во истрагата.
Брачната двојка има уште едно петгодишно дете. Мотивот на мајката што го фрлила помалото дете во реката Сава се уште не е јасен, но достапните информации укажуваат дека таа претходно била лекувана од психички проблеми, пишува медиумот.
„Вчера, 15 јануари, околу 16.10 часот, полицијата одговорила на повик од жена (34) која пријавила дека со дете во раце влегла во Сава кај мостот Јанкомир. По укажаната лекарска помош, жената е уапсена и приведена во полициските простории поради сомнение за тешко убиство на блиско лице“, соопшти загрепската полиција.
Од Хрватскиот завод за социјална работа потврдија дека семејството не било под надзор или третман на надлежен центар, ниту пак биле преземени мерки за семејно-правна заштита.