Иранската влада им даде поддршка на двете познати новинарки, Елахе Мохамади и Нилофар Хамеди, по јавните протести против плановите за нивно испраќање во затвор, јави ДПА.
-Министерот за правда и јас лично го проследивме барањето на адвокатите за амнестија на двете новинарки до првите луѓе на судската власт, изјави синоќа министерот за култура Абас Салехи, кој е одговорен за печатот во Исламската република.
И неговиот оддел и другите министри од кабинетот ќе го следат случајот до неговото завршување, додаде министерот, цитиран од новинската агенција ИНСА.
Протестите во Иран беа поттикнати со судската одлука против амнестијата на двете наградувани новинарки. Судот неодамна одлучи тие да почнат со издржување на петгодишната казна.
Новинарките беа меѓу првите во земјата што го пријавија апсењето и подоцна смртта на Макса Амини, млада Иранка со курдско потекло, есента 2022 година. Смртта на Амини предизвика сериозни протести низ целата земја против репресивната политика на исламските владетели и, особено, против задолжителното целосно покривање на косата на жените.
Правосудните органи инсистираа двете жени да бидат испратени во затвор, делумно затоа што тие продолжуваат да не го почитуваат законот за носење шамија и на тој начин одат против исламските вредности на земјата, тврдат нивни колеги.
Семејствата на новинарките и медиумите очекуваа дека ќе бидат ослободени, особено откако летото за претседател беше избран умерениот Масуд Пезешкијан, а потоа за министер за култура беше именуван реформистот Салехи, напомена ДПА.
Откако судските власти донесоа одлука новинарите да започнат со издржување на затворската казна, нивните адвокати ја објавија одлуката јавно, што предизвика протести низ целата земја.
Портпаролката на владата, Фатемех Мохаџерани, исто така, изрази солидарност со двете жени. Во судството на Иран во голема мера доминираат тврдокорни лица кои се обидуваат да спроведат политика на нулта толеранција за критиките од страна на медиумите.